„ПОСТАВИЛЕ МИНИ ПОКРАЈ УКРАИНСКИТЕ ПРИСТАНИШТА“: Белата куќа тврди дека Русија подготвува напади врз бродови кои превезуваат жито преку Црното Море
Русија планира да ги нападне бродовите кои превезуваат жито од Украина преку Црното Море, а потоа за тоа да го обвини Киев, објави доцна синоќа Белата куќа.
Адам Хоџ, портпарол на Советот за национална безбедност на САД, рече дека „руската војска би можела да го прошири своето таргетирање“ на украинските бродови што превезуваат жито, додавајќи дека тоа се заснова на декласифицирани информации.
Изјавата доаѓа откако Русија во понеделникот го отфрли продолжувањето на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море и руските напади на пристаништето Одеса, од каде што тие бродови заминуваат.
– Нашите информации укажуваат дека Русија поставила нови мини во близина на украинските пристаништа. Сметаме дека ова е дел од добро координираните напори да се оправдаат какви било напади врз цивилни бродови во Црното Море и да се обвини Украина за тие напади – рече Хоџ.
Руските власти во средата објавија дека како воена цел ќе го разгледаат секој брод што ќе се упати кон украинските пристаништа на Црното Море.
Украинските власти повикаа на меѓународна придружба на товарни бродови по истекот на договорот за извоз на жито.