„НАПУШТЕТЕ ГИ ДОМОВИТЕ И ХОТЕЛИТЕ“: На мобилните телефони на Крф стигнуваат предупредувачки пораки, поради пожарот досега се евакуирани 2.500 луѓе

Околу 2.500 лица се евакуирани вечерва како мерка на претпазливост од грчкиот остров Крф, каде беснее пожар на северот, соопшти денеска локалната противпожарна служба.

Поради пожарот на северот на островот синоќа превентивно се евакуирани 2.466 лица, изјави портпаролот Јанис Артопиос, додавајќи дека досега не се уништени куќи или хотели.

Властите, преку предупредувачки пораки на мобилни телефони, ги повикаа локалните жители и туристите во бројните мали градови на северот на Крф, превентивно да ги напуштат своите резиденции.

Грција, оган, Крф

Пожарот избувна вчера и денеска продолжува да гори во шумата на северот на туристичкиот остров Крф, каде од утрово се активни 62 пожарникари, поддржани од два хеликоптери и два авиони, информираат од противпожарната служба.

Грција, зафатена од еден од најдолгите топлотни бранови во последните децении со температури кои локално достигнуваат повеќе од 46 степени Целзиусови, од минатата недела е погодена од повеќе шумски пожари.

Грција, оган, Крф

Силен пожар го зафати и туристичкиот остров Родос, југоисточно од Егејското Море, поради што во саботата беа евакуирани 30.000 туристи во најголемата операција од тој тип досега спроведена во Грција.

Од денеска рано изутрина два хеликоптери и два авиони продолжија да им помагаат на пожарникарите во гаснењето на пожарот на тој остров, каде пожарот гори веќе седми ден по ред.

На социјалните мрежи се појави снимка од Грција на која се гледаат трупови на елени кои загинаа во големите пожари на Родос како лежат покрај патот, а се околу нив изгорело .

Жешките точки се активни и денес во Егиа на северот на Пелопонез, Каристос на југот од архипелагот Евија и Беотија, департман северно од Атина.