Познатиот бренд Адидас влезе во светот на Формула 1 потпишувајќи повеќегодишен договор со тимот на Мерцедес.
Адидас е компанија чија вредност се проценува на 44,40 милијарди долари, а ги здружува силите со Мерцедес по завршувањето на ерата на седумкратниот светски шампион во Ф1 Луис Хамилтон во германскиот тим.
Според договорот, Адидас на тимот на Мерцедес ќе му обезбеди комплетна опрема, како и поединечни артикли кои му се потребни на секој член на тимот. Исто така, ова вклучува обувки, но и додатоци за тимот, како и за навивачите.
Првата линија ќе биде претставена во февруари, кога и Мерцедес ќе го претстави својот нов болид за претстојната сезона.
Опремата на Мерцедес до минатата година ја дизајнираше брендот Томи Хилфигер, па со овој потег се отвора можност американската компанија да го следи Хамилтон до Ферари. Како што е познато, Хамилтон е глобален бренд амбасадор и има работено на различни дизајни во соработка со споменатата модна куќа.
Мерцедес не ја објави вредноста на спонзорскиот договор, но Адидас се согласи да соработува со Манчестер Јунајтед во 2023 година, што изнесува минимум 900 милиони фунти во период од десет години. Иако новиот договор најверојатно нема да ја достигне таа бројка, вреди да се напомене дека Мерцедес и Манчестер Јунајтед се делумно во сопственост на INEOS, компанијата на Џим Ретклиф.