По породувањето Американка ги загубила рацете и нозете, сега децата ѝ се животот и нејзината сила

 – Мајка на две деца, лани во октомври ја родила својата ќерка Амелија. За жал, поради несакани последици по породувањето, на самиот залез од третото десетлетие од животот на жената ѝ биле отстранети двете раце од лактите надолу, како и двете нозе под коленото, заради спас на нејзиниот живот. Но, вели, децата сега ѝ се нејзиниот живот и сила.

Иако самото раѓање минало без проблеми, два дена подоцна Кристина Пачеко од Плесантон, Тексас, САД, ја фатило треска, но претпоставувајќи дека тоа е само дел од нејзиното закрепнување, медицинската сестра ѝ дала само „Ибупрофен“… Откако симптомите не ѝ се подобриле, жената брзо е префрлена в болница. Утврдено било дека страда од тн. септичен шок – состојба опасна по живот во која телото агресивно реагира на инфекција.

– Моите раце и стапала беа буквално црни. Сепак, лекарите направија сѐ за да ми ги спасат екстремитетите од ампутација, но сепак не успеаја. Иако се чувствував очајно, знаев дека не смеам да се откажам, заради своите деца. Бев целосно уништена бидејќи знаев дека мојот живот никогаш повеќе нема да биде ист, раскажува Кристина.

Здравјето на Американката продолжило да се влошува, а состојбата влијаела на нејзиното срце, белите дробови и бубрезите.

– Не ни кажуваа колку е блиску до смртта, но тоа можеше да се види на нивните лица секогаш кога ќе ги прашав. Лекарите ѝ дадоа само 20 отсто можност да преживее, што беше застрашувачко сознание за мене, вели нејзиниот сопруг Џејкоб.

На крајот, младата жена завршила во индуцирана кома и ја добила веста дека ќе ги изгуби рацете и стапалата поради несаканите последици по лекувањето на интензивна нега. Како што открива, тоа бил најтешкиот миг во нејзиниот живот.

– Секој ден се будев и размислував за моите деца. Пред секоја операција размислував за нив и за тоа дека морам да бидам силна. И денес сета сила што ја имам ја наоѓам исклучиво во моите деца, открива храбрата мајка.