Хуманитарните работници во Газа велат дека не виделе вода како тече низ цевките
Палестинците во Појасот Газа вечерва објавија дека водоснабдувањето не е обновено, и покрај тоа што Израел вети дека ќе го стори тоа, објави „Тајмс оф Израел“.
Хуманитарните работници во Газа велат дека сè уште не виделе вода како тече низ цевките, а портпаролот на владата на Хамас рече дека се уште нема вода. Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан изјави за Си-Ен-Ен дека израелските власти му рекле дека ја вклучиле водата во јужниот дел на Газа.
Израелскиот министер за енергетика и водоснабдување, Израел Кац, изјави дека водата е испуштена на „некои места“ во Газа, но не даде дополнителни детали.
Претходно Кац рече дека одлуката за вклучување на водата во делови од јужна Газа била договорена меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Џозеф Бајден.
Кац истакна дека одлуката за делумно обновување на водоснабдувањето е во согласност со израелската политика, која сепак е фокусирана на блокадата на територијата што ја контролира Хамас, наведува Ројтерс.