Пратениците во Собранието го изгласаа буџетот за 2024 година

Во рамки на денешното продолжение на 135. седница, со 63 гласа „за“, без гласови „против“ и 25 гласа „воздржани“, Собранието го изгласа Буџетот за 2024 година, кој е во вкупен износ од 5,5 милијарди евра. Едногласно со 87 гласа „за“ Собранието го изгласа Законот за извршување на буџетот.

Општите приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или околу 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Општите расходи се планирани на нивото од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки од 2023 година. Капиталните расходи се планирани во износ од 45,2 милијарди денари.

Се очекува зголемување од два отсто на бројот на вработени. За плати се планирани 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери се планирани 161,1 милијарди денари, од кои 83,6 милијарди денари се за исплата на пензии, околу 13,2 милијарди денари за исплати на социјална заштита за најранливите слоеви од населението.

Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари, како и отплата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и внатрешен долг во износ од 18,6 милијарди денари , ќе се финансира преку внатрешно и надворешно задолжување.

Најголем придонес за растот во 2024 година се очекува да имаат бруто инвестициите со пораст од 8,4 отсто, пред сè, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата во коридорите 8 и 10, придружени со мерки и активности за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.

Се очекува натамошен раст на потрошувачката, со раст и на приватната и на јавната потрошувачка. Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 3,1 отсто во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, кредитен раст и одржување на солидно ниво на дознаки од странство. Се очекува просечен пораст на јавната потрошувачка од еден процент, додека инфлацијата ќе се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергијата и храната на меѓународните пазари, како и дополнително забавување на базичната инфлација.