Возачот на Мекларен, Ландо Норис синоќа победи на трката од Формула 1 шампионатот возена за Големата награда на Мајами.
Дваесет и четиригодишниот Британец првпат во кариерата заврши на највисокото место на подиумот.
Второто место му припадна на возачот на Ред Бул, Макс Верстапен со заостанување од 7,612 секунди, а првата тројка ја комплетираше Шарл Леклер од Ферари со 9,92 секунди побавно време од победникот.
Актуелниот шампион, Верстапен по втор пат оваа сезона не заврши на првото место.
Најдобриот пласман во кариерата на Норис пред оваа трка беа петте втори места.
Во Топ 10 на трката во Мајами се најдоа и: Карлос Сајнц (Ферари), Серхио Перез (Ред Бул), Луис Хамилтон (Мерцедес), Јуки Цунода (РБ), Џорџ Расел (Мерцедес), Фернандо Алонсо (Астон Мартин) и Естебан Окон (Алпин).
Во Генералниот пласман лидер е Верстапен со 136 бода, пред Перез кој има 103, трет е Леклер со 98, Норис и Сајнц имаат по 83.