Првпат во историјата на Република Македонија: Албанец на чело на македонската влада!

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вчера му го врачи мандатот на Талат Џафери за формирање техничка влада, чиј мандат ќе трае до 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, македонскиот претседател му доделил мандат на Џафери да формира преодна влада согласно Уставот на РСМ и одредбите од Законот за Влада на РСМ.

,,Џафери мандатот го доби врз основа на претходен меѓупартиски договор, а улогата на преодната влада е да ги организира претстојните парламентарни избори, планирани за 8 мај. За претставник за формирање на преодната влада за спроведување на изборите го назначувам господинот Талат Џафери“, рече Пендаровски.

Ова е првпат на чело на македонската влада да се најде лице од албанска националност. Џафери претходно поднесе оставка од функцијата претседател на македонското Собрание, а на неговата оставка и’ претходеше оставката на лидерот на СДСМ и Премиер на РСМ, Димитар Ковачевски.