Предлогот за техничка Влада партиите од мнозинството ќе го достават без имиња и презимиња на кандидатите на ВМРО- ДПМНЕ

Од извори во владејачката СДСМ се дознава дека постои политички договор предлог составот на техничката Влада, да биде доставен без имиња и презимиња на кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ.

– Сите предлози за составот на техничката Влада до Собранието ќе бидат поднесени, а позициите кои согласно законот треба да ги номинира ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат празни, без име и презиме. Не гледаме потреба ниту да ги предложиме, ниту пак пратениците од СДСМ, од парламентарното мнозинството да гласаат за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ доколку тие самите не ги поддржуваат. Никаде во демократскиот свет нема пример некој да предлага министри или заменици, а да не ги поддржува при изборот? Не е ова прашање за политички игри. Техничката Влада е законска обврска. Формално треба да го предложи новиот технички премиер. Кога ќе бидат во ВМРО-ДПМНЕ подготвени да ги поддржат, пред се сопствените предлози, тогаш може да бидат номинирани, предложени и поддржани од пратениците од СДСМ, велат високи извори во СДСМ.

Ваквата одлука на СДСМ има поддршка меѓу другите владејачки партии, а доаѓа откако претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно соопшти дека неговата партија ќе учествува во техничката Влада, ќе предложи кандидати, но нема да ги поддржи во македонското Собрание, односно ќе гласаат воздржано за изборот на техничката Влада.