Скопското обвинителство денеска предложи мерка притвор за сопственик на портал, осомничен за четири дела, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
По барање на ОЈО-Скопје, а врз основа на наредба од судија на претходна постапка синоќа бил извршен претрес во домот каде престојува осомничениот, како и пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци.
Медиумите објавија синоќа дека по налог на Обвинителството бил извршен претрес во домот на сопственикот на „Доказ м“, Марјан Стаменковски во скопската населба Влае, при што полицијата одзела компјутери и мобилни телефони, а според објавата на „Фокус“ биле запленети и над 90 илјади евра.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје денеска достави Предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривично дело – Уцена од чл.259 ст.1 в.в. чл.19 од КЗ, кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл.157-б ст.1 од КЗ, две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г. ст.1 од КЗ и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ, соопшти денеска Обвинителството.
Како што појаснува во соопштението притворот е предложен бидејќи на товар на осомничениот му се ставаат повеќе кривични дела сторени од позиција сопственик на интернет портал, преку кој, искористувајќи познанства и релации со различен профил на лица, преземал противправни дејствија во континуитет, што упатува дека ќе ги презема и во иднина доколку не му биде определена мерка притвор и биде оставен да се брани од слобода.
Осомничениот, нагласува Обвинителството, се служел со сопствениот интернет портал, знаејќи дека е достапен на неограничен круг лица, како средство за ефективен притисок врз жртвите, притоа предизвикувајќи лавина општествени последици со несогледива штета во форма на религиска омраза и ксенофобични идеи.
-Дополнителна околност во таа насока е потребата да се заштитат жртвите, кои биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку компјутерски систем и преку интернет порталот на осомничениот. Освен ова, постојат околности и кои очигледно укажуваат на опасност од бегство на осомничениот заради кои исто така јавниот обвинител сметаше дека е неопходна притворска мерка за обезбедување на неговото присуство, нагласува Обвинителството.
Со оглед на широкиот круг на потенцијални жртви од активноста на веб порталот на осомничениот во подолг временски период, ОЈО-Скопје во соопштението охрабрува и други евентуални оштетени од вакви кривични дела да ги пријават.
Медиумите доцна синоќа јавија за претресот во домот на Стаменковски, а денеска Обвинителство пред да информира за предложениот притвор објави и детално соопштение за делата за кои се сомничи, а за кои против него се поднесени кривични пријави од новинарки, телевизија, свештени лица.
Предметот бил оформен по поднесени кривични пријави против осомничениот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост. Надлежен јавен обвинител од ОЈО-Скопје во целиот наведен период презело интензивни истражни дејствија со кои биле обезбедени доволно докази кои даваат основано сомнение дека пријавениот ги сторил кривичните дела.
-Имено, по доставена кривична пријава од една телевизија од 11.02.2022 година, Основното јавно обвинителство Скопје нареди дејствија и проверки, врз основа на кои Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика обезбеди доказен материјал дека осомничениот сторил кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл.157-б ст.2 вв ст.1 од КЗ. Од почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, осомничениот на веб порталот го ставил на располагање на јавноста заштитеното аудиовизуелно дело. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое согласно Договор за лиценцирање на телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината, се вели во соопштението.
На 18 мај 2022 во ОЈО-Скопје била поднесена кривична пријава против осомничениот од двајца оштетени за кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г, бидејќи преку веб порталот биле објавувани серија текстови со кои во повеќе наврати се шири омраза и нетрпеливост кон пријавителите – свештеници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. -Во објавените текстови, осомничениот изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив. Освен навредливи зборови, пцовки и клевети, во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите осомничениот ги споделувал и на својот профил на една социјална мрежа каде поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања, се наведува во соопштението.
На 19 мај 2022 година, против истото лице била поднесена кривична пријава и од две новинарки, кои пријавиле дека на веб порталот од почетокот на истата година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. -Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб порталот е да им се изврши притисок и цензура. Со осуда на таквите објави на веб порталот во наведениот период излегоа и ОБСЕ и Здружението на новинари. Дополнително, во телефонски разговор со сопругот на една од новинарките осомничениот упатил и директни закани кон неа и нејзиното семејство. Со обезбедените докази во текот на постапката беше потврдено основаното сомнение за кривичното дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г. ст.1 од КЗ, нагласува Обвинителството.
Кривична пријава поднело и едно оштетено лице до ОЈО-Скопје, според која во периодот од 10 јануари до 2 февруари оваа година осомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест и се обидел да го присили оштетениот да стори нешто на штета на својот имот. -Преку социјална мрежа осомничениот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него. Откако оштетениот одбил средба, на интернет порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои осомничениот наштетил на угледот и честа на оштетениот. Во однос на овој настан, надлежен јавен обвинител исто така презеде дејствија за документирање на пријавените наводи и за обезбедување електронски докази со кои се потврдува основано сомневање за кривично дело – Уцена од чл.259 ст.1 в.в. чл.19 од КЗ, се наведува во соопштението.
Се додава и дека во наведениот период додека во Обвинителството се водела постапката против осомничениот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во ОЈО-Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него.
-Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ. Истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи, се вели во соопштението.
Освен за наведените кривични дела, се појаснува во соопштението, наредбата за претрес била обезбедена и бидејќи постоело сомнение дека кај осомничениот можат да бидат пронајдени докази и за други кривични дела. При претресот, кај него била откриена документација, електронски уреди, кои ќе бидат предмет на вештачење, како и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела.