Пред точно 47 години, Марадона го разбесна фудбалскиот свет: „Божја рака“ и чиста магија – гол на векот! (ВИДЕО)

На денешен ден пред 47 години, Диего Марадона го постигна еден од најпознатите и во исто време најконтроверзните голови во историјата на фудбалот.

Тоа беше на натпреварот помеѓу Аргентина и Англија на Светското првенство во Мексико во 1986 година, кога Марадона ги постигна двата гола за победа на „гаучосите“ со 2:1, а за двата се зборува до ден-денес.

Се играше 51. минута, кога Диего ја смести топката во голот, кој го чуваше Питер Шилтон.

Тогаш отсуствуваше реакцијата на судиите, голот беше признат и брзо го доби името „Божја рака“ бидејќи Марадона така го оправдуваше својот потег.

Четири минути подоцна Марадона повторно се најде во центарот на вниманието. Но, сега за чиста генијалност.

Тој ја прими топката во својата половина, на речиси десетина метри од својот гол, го претрча целиот терен, измами дури четворица противнички играчи и уште еднаш го ,,матира” Шилтон. Англичаните преку Гери Линекер само го ублажија поразот, а Аргентина набрзо ја прослави втората светска шампионска титула.

Овој гол на Марадона беше прогласен за гол на векот.

-Кога и да го погледнам тој гол, не ми се верува дека успеав да ја завршам таа акција. Порано, сакав да ја ставам сликата од тој гол заедно со сликата на ќерка ми Далма, единствената што ја имав во тој момент, над мојот кревет и да напишам: Двете најдобри работи што сум ги направил во мојот живот – рече еднаш Марадона на својот втор гол.