Премиерот Ковачевски им ги предаде клучевите од становите на 28 семејства во социјалната станбена зграда во Гевгелија
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев денеска им ги предаде клучевите од становите на 28 семејства во социјалната станбена зграда во Гевгелија.
Во обраќањето Ковачевски истакна дека во изминатите години изградени се или во фаза на градба се над 860 социјални станови, а тоа, како што рече, само по себе говори дека како Влада се навистина посветени да направат повеќе за оние коишто имаат најмногу потреба од државната помош.
-Нашата стратегија за социјално домување не дозволува ранливите категории на граѓани да останат на маргините на општеството. Политиките кои ги креираме како Влада не дозволуваат да постои огромен јаз меѓу можностите и потребите на голем број домаќинства во нашата држава. Сакаме ранливите категории на граѓани да ги решаваат своите проблеми без поддршка на државата меѓутоа со оглед на тоа дека не секој има можности да го реши своето станбено прашање како поголемиот број други граѓани, државата е тука да помогне и да обезбеди домување на сите оние на кои тоа им е потребно, истакна претседателот на Владата.
Подвлече дека покрај денешното доделување на станови на 28 семејства во Гевгелија и на шест семејства во Демир Капија, такви социјални станови во социјални згради веќе се пуштени во употреба и се доделени становите во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Пробиштип, Виница, и Свети Николе, а во финална фаза на изградба и подготовка за поделба на станови се и социјални згради во Велес, Неготино, Дебар, Бутел и Кочани.
-Со креирање на социјалната политика го враќаме оптимизмот и вербата на граѓаните во просперитетна иднина на Северна Македонија. Владата на последната седница во четвртокот утврди Предлог-одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници со која се обезбедуваат повеќе пари како за граѓаните, така и за поддршка на стопанството. Се обезбедуваат средства за зголемување на платите во јавниот сектор за 10 отсто согласно новиот колективен договор и финансиски средства за исплата на к-15 за вработените во јавниот сектор во износ од 10.000 денари до крајот на годината. Обезбедивме и дополнителни финансиски средства за ново зголемување на пензиите од околу 6 отсто кое што ќе ја издигне пензијата на највисоко ниво досега, а обезбедивме и финансиски средства за сите оние лекови кои што ја преокупираа јавноста како и за сите потреби за поддршка на компаниите во делот на инвестициите и во делот на поддршка на вработувањата, посочи премиерот Ковачевски.
Според министерот Бочварски, социјалните политики што ги презема оваа Влада даваат конкретни резултати, а тие бенефити директно ги чувствуваат граѓаните.
-Денеска, посебно треба да ни биде мило за тоа бидејќи 28 семејства од Гевгелија добиваат шанса за нов почеток во животот. Денешниот настан е само показател на нашата посветеност, доказ дека секој еден граѓанин ни е важен, доказ дека Владата се грижи за своите граѓани и обезбедува достоинствени услови за живот и подобар животен стандард. Да се има свој дом не е привилегија, тоа е хумано право на секој, рече Бочварски.
Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев, рече дека изградбата на зградата во Гевгелија чини 102 милиони денари, а становите кои денеска се доделени се еднособни, со квадратура од 38 до 48 квадратни метри.
-Во следниот период ќе бидат распределени и наредните 24 станови во зградата во Гевгелија, како и уште 10 станови во Демир Капија. Двата објекти се завршени според договорот за градба, а инвестицијата на оваа преубава зграда изнесува 102 милиони денари, додека на зградата во Демир капија изнесува 36 милиони денари. Според досегашната пракса одреден број станови одат за инвалидизирани лица. Заедно во соработка со Владата и Министерството за транспорт и врски продолжува интензивната динамика и реализација на овој проект, откако во изминатите осум месеци доделивме станови од овој тип во Пробиштип, Гостивар, Свети Николе, Виница, истакна Ѓоргијев.
По свеченото доделување на становите премиерот Ковачевски, министерот Бочварски и директорот Ѓоргијев посетија некои од становите и уште еднаш им честитаа на добитниците.