Премиерот на техничката Влада, Џафери, учествува на Минхенската безбедносна конференција

– Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја започна својата агенда на годинешната Минхенска безбедносна конференција.

Кабинетот на премиерот на Северна Македонија објави соопштение за посетата на Џафери.

„Од денес до недела се наоѓаме во Минхен заради следење на работите на Минхенската конференција за безбедност. Секако дека значењето на оваа конференција е во доменот на актуелните случувања во геостратешките и геополитичките случувања во светот. Фокусот главно се претпоставува дека ќе биде состојбата во Украина и секако проследена со состојбите во Блискиот Исток. Пропратно, тема ќе биде безбедноста и одбраната во Европа и улогата на Европа во тој контекст“, рече Џафери пред првите билатерални средби.

Според него, значењето на конференцијата и како проследување на темата ќе биде и фактот дека во повеќе од 65 земји во светот, преку 2 милијарди граѓани ќе имаат можност на избори да ја искажат својата волја и секако дека тоа е од посебен интерес за да се обезбедат соодветни демократски предуслови за слободни, фер избори од кои ќе произлезат новите институции во соодветните држави.

Тој нагласи дека во оваа ситуација ќе ја има можноста соодветно да оствари и билатерални средби со повеќе свои колеги од другите земји кои учествуваат на конференцијата.

„Оттука, пораката за соодветна соработка со сите нив и по однос на нашата состојба со документите ќе биде една од темите за којашто ќе се разменуваат мислења со колегите со кои ќе ја имам можноста да поразговараме билатерално“, додаде Џафери.