Премиерот на Шпанија ќе тргне на европска турнеја за да собере поддршка за признавање на Палестина

– Шпанскиот премиер Педро Санчез ќе замине на европска турнеја за да се обиде да убеди што повеќе држави да ја признаат независната палестинска држава, објави денес владиниот портпарол.

Мадрид вети дека ќе ја признае палестинската држава пред јули, но се надева дека повеќе земји ќе го следат неговиот пример.

Почнувајќи од петок, Санчез ќе започне серија „патувања, состаноци и контакти“ со европските и меѓународните лидери за „да ја сподели својата загриженост за ситуацијата во Газа и потребата да се поттикне признавањето на Палестина како држава“, изјави на прес-конференција портпаролката Пилар Алегрија.

„Сакаме да ја запреме хуманитарната катастрофа во Газа и да придонесеме за започнување на политички мировен процес, што ќе доведе до материјализирање на дводржавното решение што е можно поскоро“, рече таа.

Патувањето на Санчез ќе започне во Осло, каде што ќе се сретне со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.

„Како што знаете, оваа земја има долга историја на посредување и менаџирање при конфликти во регионот, со значајни достигнувања како што е Договорот од Осло по Мадридската конференција во 1991 година“, рече Алегрија.

Санчез потоа ќе отпатува за Ирска за да се сретне со новиот лидер на земјата Сајмон Харис.

Кон крајот на март, премиерите на Шпанија, Ирска, Малта и Словенија потпишаа заедничка изјава во која наведоа дека се подготвени да ја признаат државата Палестина, нарекувајќи го потегот „единствениот начин за постигнување мир и безбедност“ во регионот.

Санчез в понеделник ќе се сретне со новиот португалски премиер Луис Монтенегро.

Потоа во вторник и среда Санчез ќе отпатува за Словенија и Белгија.

Во ноември, Санчез и белгискиот премиер Александар Де Кро направија контроверзно патување на Блискиот Исток каде што го критикуваа израелскиот одговор на нападот на 7 октомври. Како резултат на тоа, Израел ги повика и белгискиот и шпанскиот амбасадор.

Во израелските напади во Газа досега загинати се над 33.000 Палестинци.

Белгија во моментов претседава со Европската Унија.

Санчез и Де Кро планираат да се сретнат пред вонредниот европски самит во Брисел на 17 и 18 април.

„Нашата цел е јасна: да го поттикнеме признавањето на палестинската држава во клучен момент во кој конфликтот влегува во одлучувачка фаза и кога за конфликтот се дискутира во Обединетите нации“, рече Алегрија.

Минатата недела Санчез отпатува и во Јордан, Саудиска Арабија и Катар за да разговара за ситуацијата со Палестина и да „истражи нови начини да се донесе мир во регионот“, додаде портпаролката Алегрија.