Претседателот на ФИФА, Инфантино: „Без судии нема фудбал“

– Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, на самитот на ФИФА 2023, што се одржува во Саудиска Арабија, говореше за злоупотребата и насилството врз судиите.

„Без судии нема фудбал“, порача Инфантино додавајќи: „Сите мораме да се бориме за судиите, против секаков вид злоупотреба и насилство врз судиите, но и за да го вратиме респектот и толеранцијата. И ова започнува од нас. Ова започнува од вас.“

Инфантино ја истакна и обединувачката карактеристика на фудбалот: „Знаете во кој правец одиме, знаете што сакаме да направиме, но исто така, се разбира, за да ги постигнеме овие цели, за да ги постигнеме овие резултати, потребна ни е поддршка од секој од вас затоа што нашите цели се очигледно да го направиме фудбалот вистински глобален и да го вклучиме целиот свет.“

И Пјерлуиџи Колина, претседателот на Комитетот на судии на ФИФА, ги поддржа судиите и ги предупреди надлежните: „Направете нешто пред да биде предоцна. Доста е!“

Неколку легендарни играчи, меѓу кои и Алесандро Дел Пјеро, Кака и Жилберто Силва, исто така дадоа изјави за злоупотребата преку интернет што ја имаат претрпено одредени играчи: „Сите ние овде можеме да дадеме свој удел за да ја спречиме оваа онлајн злоупотреба. Сите заедно, можеме да направиме многу нешта.“

Поранешниот шеф на фудбалскиот клуб Анкарагуџу, 59-годишниот Фарук Коча, беше задржан во притвор поради тоа што го удри во лицето судијата Халил Умут Мелер на 11 декември, по натпреварот во Суперлигата против Чајкур Ризеспор кој заврши нерешено 1:1.

По последниот судиски свиреж, Коџа излезе на теренот и го удри судијата лиценциран од ФИФА.

Откако Мелер падна на земја, неколкумина го клоцнаа, а потоа 37-годишниот судија беше пренесен во болница во Анкара.

Светското раководно тело на фудбалот, ФИФА, го осуди насилството врз судиите.