Приведени 20 македонски бизнимени, затаиле 8 милиони евра данок

Во големата акција „Синџир“ се приведени 20 македонски бизнисмени осомничени дека затаиле данок во висина од 8 милиони евра, за колку е оштетен државниот буџет, информираа од Јавното обвинителство.

„Врз основа на досегашните предистражни дејствија и доставената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од чл.394, Даночно затајување од чл.279 и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик. При извршените претреси обезбедена е дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка, а воедно досега се приведени и 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, додека 6 лица се недостапни на органите на прогонот“ велат од обвинителството.

Според прибраните докази, постои основано сомневање дека три лица како организатори заедно со уште други три лица, во текот на 2019 година во Неготино создале група која затајувала данок и перела пари.

Истата година, припадници на групата станале уште седуммина од осомничените. Во текот на 2020 година на оваа група ѝ се приклучиле 11 нови бизнисмени, а во 2021 година припадници станале уште тројца сопственици и управители на фирми.

Организаторите на групата, за да одбегнат плаќање данок, основале фирми во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти. Заедно со останатите изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги или изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со примена на механизмот за пренесен ДДВ, по член 32-а од Законот за ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои знаеле дека не се извршени.

Врз основа на овие фактури за наводно извршени набавки на стоки и услуги, на банкарските сметки по испоставените фактури најчесто не биле вршени плаќања, а дел од меѓусебните побарувања и обврски сметководствено биле затворани со меѓусебни компензации и компензации со повеќе учесници.

Осомничените на овој начин не пресметале и не платиле данок, а со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618 денари или 7.980.627 евра.

Тројцата организатори на групата од ноември 2020 до крајот на 2021 година, во Неготино, Струмица, Скопје, Штип и во Велес пуштиле во оптек, примиле, пренеле и подигнале во готово 651.168 евра за кои знаеле дека се прибавени со даночното затајување.

Обвинителството, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје предложи определување на мерката притвор за 14 осомничени лица од кои за едно лице е предложена мерка куќен притвор.

За останатите 12 осомничени лица предложи други мерки на претпазливост-одземање на патна исправа и обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице.