ПРИТИСОК НА ИСТОК И ЖЕСТОК УДАР НА ЈУГ – Официјален Киев објави детали за ситуацијата на фронтот и напредокот на контраофанзивата

Украина во четвртокот ја продолжи исцрпувачката борба за враќање на територијата во близина на разурнатиот град Бахмут, кој е под контрола на Русија, и според објавените информации, нанела големи загуби на руските сили на јужниот фронт, соопштија воени претставници од Киев, пренесуваат странските медиуми.

Украинските извештаи покажуваат жестоки борби во многу делови на источниот фронт, но се уште нема големи освојувања во тримесечната контраофанзива. Напредокот на Украина е многу побавен од успехот што го постигна минатата година во враќањето на територијата на североистокот.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и другите официјални лица ги отфрлија тврдењата на западните критичари кои велат дека тримесечната офанзива е премногу бавна и попречена од стратешки грешки.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нивните сили одбиле осум напади на исток во жестоките судири јужно од Бахмут.

Украинската заменик-министерка за одбрана, Хана Малиар, кажа дека украинските сили напредуваат околу три села јужно од Бахмут – вклучително и Андреевка, село за кое денес беше објавено дека е ослободено. Таа првично вчера објави дека Андреевка била ставена под украинска контрола.

Руските сили го зазедоа Бахмут во мај по неколкумесечни борби кои го оставија градот во урнатини. Оттогаш, украинските сили ги напаѓаат руските позиции, особено јужно од Бахмут.

На јужниот фронт, каде што украинските сили се фокусираа на заземање група села во офанзивата кон Азовското Море, руските трупи претрпеа значителни загуби што ги намалија нивните одбранбени способности“, тврди Хана Малиар.