Прогласена тридневна жалост во Валенсија: Во пожарот загинаа 10 лица, меѓу жртвите девојче (3) и новороденче (ВИДЕО)

Во Валенсија се воспоставени неколку контролни пунктови со цел да се соберат информации и ДНК примероци на роднините на можните жртви.

Бројот на загинати во пожарот во станбена зграда во Валенсија се искачи на 10, а градоначалничката Марија Хозе Катала прогласи тридневна жалост во градот.

Според Ел Паис, четирите жртви се членови на исто семејство – татко, мајка, тригодишно девојче и новороденче.

Шпанскиот центар за итни информации и координација соопшти дека четири повредени лица денеска се отпуштени од болница, а двајца пожарникари кои им пружиле прва помош на настраданите сe уште се на лекување.

Полицијата стигнала до четвртиот кат од опожарената зграда во обид да ги лоцира потенцијалните жртви, а на терен се и противпожарни и итни екипи, пренесува Ефе.

Во Валенсија се воспоставени неколку контролни пунктови со цел да се соберат информации и ДНК примероци на роднините на можните жртви.

Шефот на Истражниот суд број 10 во Валенсија ја отвори постапката за истрага на причините и околностите на пожарот и ја утврди тајноста на постапката за еден месец, со цел да се заштити полициската истрага и приватноста на жртвите и нивните семејства.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, најави дека ќе и’ се пружи помош на заедницата и дека информациите ќе бидат брзо собрани.

Експертот Естер Пукадес објасни дека полиуретанот, кој се користи за обложување на фасадите, е елементот што во моментов се смета за главна причина за брзото ширење на пламенот.

Пожарот избувна во четвртокот во попладневните часови и за само половина час ја зафати целата зграда со 14 ката и 138 станови, а набргу потоа се прошири и во соседната зграда.

Пламените јазици се движеле по целата фасада.