Продолжуваат протестите во Франција поради реформите во пензискиот систем

Низ Франција продолжуваат протестите против контроверзните реформи во пензискиот систем, јави ТРТ Балкан.

Се смета дека е мала веројатноста дека демонстрантите ќе се откажат од протестот, без разлика на тоа што нацрт-законот за реформите во пензискиот систем на Франција е усвоен во понеделникот.

Во Париз и другите градови синоќа групи демонстранти палеа канти за ѓубре, особено во главниот град на Франција.

„Полицијата користеше солзавец и приведе 46 лица“, објави весникот „Ле Фигаро“.

„Министерот за внатрешни работи, Жерард Дарманин, синоќа изјави дека се повредени над 300 полицајци од почетокот на протестите против реформите во пензискиот систем“, објави телевизискиот канал БФМТВ (BFMTV).

Тој наведе дека од 16 март досега се повредени 94 полицајци.

Дарманин додаде дека 12.000 полицајци, од кои 5.000 во Париз, ќе бидат распоредени во текот на демонстрациите што синдикатот ги најави за четврток.

Омбудсманот за човекови права на Франција, Клер Едон, ја предупреди власта на употребата на сила против демонстрантите.

Таа нагласи дека превентивните приведувања во текот на демонстрациите можат да предизвикаат луѓето на несразмерен начин да бидат лишени од слобода.

Владата на Франција минатата недела ги искористи посебните уставни овластувања да го спроведе планот за реформи во пензискиот систем, поради што партиите кои се противат, поднесоа барања за недоверба на Владата.

Пратениците ги отфрлија и двата предлози.

Макрон и премиерката Елизабет Борн одлучија да се повикаат на членот 49.3 од Уставот, што е механизам кој ѝ дозволува на Владата да усвои нацрт-закон без да добие одобрување од Парламентот.

До оваа одлука дојде поради стравот дека пратениците би можеле да го блокираат реформите, бидејќи Владата нема апсолутно мнозинство во Парламентот.

Реформите вклучуваат зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, како и најмалку 43 години работа за да се оствари правото на полна пензија. Планот предизвика гнев во јавноста откако беше објавен минатата година, со масовни протести и штрајкови низ целата земја од јануари.