Промовирана програма „Дигитална ера“ со реформи и нова агенција за дигитализација

Под слоганот „Дигитална ера“ Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во наредниот период ќе го продолжи и спроведува процесот на дигитализација. Со програмата на МИОА што ја усвои денеска Владата се најавуваат суштински реформи и дигитализација на сите нивоа во државата преку обезбедување брзи услуги за граѓаните, како и основање агенција за дигитализација, а еден од столбовите ќе биде сајбер безедноста.

Премиерот Димитар Ковачевски најави целосно функционален едношалтерски систем преку кој на 333 пунктови на државно ниво ќе се добиваат услуги од администрацијата на една локација.

-Активностите ќе придонесат за подобрување на услугите до граѓаните, поголема ефикасност на институциите, преку што ќе се влијае за намалување на корупцијата и креирање побезбедна дигитална околина, рече Ковачевски на прес-конференција.

На владина седница се усвоени деталните информации за процесот на дигитализација и дигитална трансформација, кои ќе ги олеснат и поедностават услугите од институциите кон граѓаните.

-Во насока на поголема дигитализација и заштита од сајбер напади се предвидува и формирање на агенција за дигитализација, со која ќе се овозможи дигитализирање на јавната администрација, која ќе ги подобри ефективноста, транспарентноста и отчетноста во управувањето и ќе придонесе кон стабилен економски раст на земјата. Ваква агенција ќе може да ги консолидира и кадровските ресурси кои работат на ова поле, но и да стане конкурентна во делот на привлекување ИТ инженери кои се дефицитарни и имаат висока цена на пазарот на труд, со што државата ќе може да ги обезбеди потребните кадри за дигитализацијата и сајбер безбедноста, рече Ковачевски.

Годинава, најави премиерот, ќе има суштински реформи засновани на клучните европски принципи на дигитализација на услугите насочени кон трансформирање на начинот на кој граѓаните комуницираат со јавната администрација.

-Ќе се насочиме во правец на обезбедување целосно функционален  едношалтерски систем при што на државно ниво ќе се добиваат услуги само на една локација. Пристапот на сите граѓани до дигитални брзи услуги ќе биде наша цел во наредниот период. На административните шалтери ќе обезбедиме лицата со посебни потреби да имаат приоритет за добивање административни услуги, а ќе се погрижиме и веб страниците да ги исполнуваат стандардите и да бидат достапни и з алица со попреченост. Планираме и субвенционирање на програми од стратешки  интерес за државата кои се наметнати како потреба, а кои се однесуават на сајбер безбедноста, вештачката интелигенција и слични области, рече Ковачевски. 

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу најави дека со дигитализација на јавните услуги ќе се намали времето што граѓаните го поминуваат за добивање услуга на шалтерите на јавната администрација.

-Овие услуги ќе бидат достапни во реално време, транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето ќе бидат минато. Како резултат на тоа, дигиталната трансформација позитивно ќе влијае на дигнитетот и достоинството на граѓаните и на вработените во администрацијата, порача Азири.

МИОА, веќе има интегрирани услужни пунктови кои го нудат концептот „оне стоп шоп“ во пет градови, а со новата Стратегија за дигитална трансформација, укажа Азири, нашите граѓани ќе имаат можност да ги добиваат овие услуги во сите места во државата. 

-Сигурни сме дека дигиталната трансформација суштински ќе го промени односот меѓу државата и граѓаните создавајќи основа за безбеден доверлив систем кој ќе ги подобри јавните услуги, обезбедувајќи ги преку националната платформа како што е една точка за услуги, рече Азири.

Тој најави дека ќе се направи се државава да биде во чекор со глобалниот процес на дигитализиација  и оти ќе се создаде дигитален еко систем за економија, иновации, образование, правда, екологија и сите сфери во интерес на државата и граѓаните со цел, како што нагласи, да биде конкурентни во регионот и во светот.

Посебен акцент во дигиталната трансформација ќе биде ставен и на сајбер безбедноста, што ќе биде еден од столбовите на дигиталната агенција што ќе се основа годинава, како и на подобрување на  дигиталната инфраструктура за лица со посебни потреби. За успешно спроведување на процесите при креирање на стратегиите ќе бидат вклучени младите, граѓанското општество, бизнис заедницата, со цел да се обебзеди инклузивен диготален еко систем.

Азири ги повика сите државни институции и вработени во нив да ја поддржат иницијативата за дигитална трансформација.

– Да станеме сојузници за заедно да ги предизвикаме коруптивните процеси, прекршителите на законот кои се најголеми противници на дигитализацијата на процесите поради намалување на нивната моќ за манипулација и злоупотреба со процесите, порача Азири.

null

Укажа дека дигиталната транформација не треба да биде штетна за идните генерации поради што ќе се дефинира одржлив процес, адресирање на потрошувачката на енергија и прашањата како што се рециклирање на хардвер.

МИОА во следните недели ќе биде домаќин на конференции под слоганот „Дигитална ера“ посветени на процесите за дигитализација и ќе се дискутира за примената на Националната стратегија за дигитална трансформација.