На автопатот Гевгелија – Скопје, во близина на наплатната станица Демир Капија утринава околу 06:10 часот приведен е И.Б.(22) од Скопје.
Како што соопшти МВР, при преглед во возилото „ауди“ со швајцарски национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 11 лица мигранти од Сирија, од кои дел малолетници.
Тој не застанал на знакот за запирање, продолжил со движење и со возилото ја скршил рампата на наплатната станица. По преземени мерки возилото било запрено, по што И.Б. се обидел да избега, но бил фатен и приведен.
Мигрантите биле спроведени во Прифатно-транзитен центар, а лицето било задржано во полициска станица.
По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, додава МВР.