На протестите што ги одржа коалицијата „Stop the War“ во Портланд Плејс во централен Лондон, насобраните извикуваа антивоени пароли и носеа транспаренти против испраќањето оружје во Украина, како и во Русија.
Вчера во Лондон се одржа протест, на кој се упати повик за мир во Украина и за прекин на испраќањето дополнително оружје во таа земја, пренесува Анадолу.
На протестите што ги одржа коалицијата „Stop the War“ во Портланд Плејс во централен Лондон, насобраните извикуваа антивоени пароли и носеа транспаренти против испраќањето оружје во Украина, како и во Русија. Демонстрантите подоцна маршираа кон плоштадот Трафалгар.
Меѓу насобраните беше и Џереми Корбин, поранешен лидер на Лабуристичката партија и член на британскиот Парламент.
Далија Санчез, антивоена активистка, за Агенција Анадолу изјави дека само посакува војната да заврши бидејќи многу луѓе ги загубија животите, без разлика на која страна се.
„Не се согласувам со испраќањето оружје бидејќи тоа ја продолжува војната“, рече Санчез, додавајќи дека би требало и НАТО и Русија да се вклучат во преговорите за да се спречат поголеми ескалации и страдања.
Џон Кларк, уште еден учесник на протестите, смета дека проширувањето на НАТО кон исток не е праведно.
„Денес сум тука само затоа што сметам дека мораме да ги запреме воените поттикнувачи и дека мораме да преиспитаме што се случува. Сакам да видам прекин на огнот и разговори за мир“, рече Кларк и додаде: „Би требало да испраќаме дипломати, а не оружје.“
Талија, една од активистките на протестот, исто така смета дека треба да запре испраќањето оружјето и дека единствено разговорите можат да донесат решение.
„Мораме да сфатиме дека Русија е голема, моќна земја и не треба да заборавиме дека воедно е голема нуклеарна држава“, истакна Талија.
Во меѓувреме, одржан е и контрапротест на кој се повикуваше на зголемување на воената помош за Украина во борбата против Русија.
Извикувајќи проукраински слогани, овие демонстранти повикуваа на вооружување на Украина за да се запре Русија.
Русија на 24 февруари 2022 година започна, она што таа го нарекува „специјална воена операција“ во Украина, во која според податоците на Обединетите нации досега животот го загубија најмалку 8.006 цивили, а 13.287 се ранети.