Протест во Нагорно Карабах поради затворањето на патот кон Ерменија

Неколку илјади луѓе се собраа денеска во главниот град на енклавата Нагорно-Карабах за да побараат повторно отворање на коридорот Лачин, единствениот пат кон Ерменија, кој Азербејџан го затвори оваа недела.

Како што пренесуваат странските агенции, утрово на главниот плоштад во Степанакерт се собрале околу 6.000 демонстранти.

Затворањето на коридорот Лацин го зголемува ризикот од сериозна хуманитарна криза во областа.

Властите во регионот во четвртокот ја повикаа Русија, која има контингент мировници на теренот од крајот на 2020 година, да го врати сообраќајот на коридорот.

Азербејџанските власти во вторникот објавија дека „привремено“ го прекинале патниот сообраќај на коридорот Лачин и додадоа дека оваа мерка е преземена поради откривање шверцерски возила на ерменскиот огранок на Црвениот крст.

Тие власти изјавија дека е отворена кривична истрага и дека граничниот премин ќе биде затворен додека не се завршат „неопходните истражни мерки“.

Во 2020 година, Ерменија и Азербејџан се судрија околу контролата на регионот Нагорно-Карабах, а конфликтот заврши со мировен договор со кој се призна победата на азербејџанските сили. Договорот е постигнат со помош на Русија.

Оттогаш руски војници се стационирани во Нагорно Карабах, но Ерменија веќе неколку месеци се жали на нивната неефикасност. Изолацијата на Русија на меѓународната сцена, поради конфликтот во Украина, го ограничува и просторот за маневрирање на Москва.

Нагорно-Карабах, претежно ерменска територија, се отцепи од Азербејџан, што доведе до војна во која загинаа околу 30.000 лица во 1990-тите.