Протест на граѓани пред ОЈО за случајот со Клиниката за онкологија

 – Со порака „Правда за жртвите” од пред Владата на Република Северна Македонија, вечерва протестот за случајот со Клиниката за онкологија продолжи пред Основното јавно обвинителство во Скопје.

Александар Панајотов, кој е дел од организацијата, изјави дека ова е децениски проблем и наброја неколку случаи во кои страдале човечки животи. 

Тој додаде дека протестираат поради инертноста на институциите, барајќи да се пронајдат одговорните, за, како што рече,  хаосот во здравството. 

– Доста е. На народот, веќе му е скиснато, порача тој. 

Даријан Петров, активист, театарски актер, рече дека најновите сознанија од Клиниката за онкологија се застрашувачки.

– Како граѓанин на оваа држава, политички неутрален, кој живее, работи, креира и делува во матичната земја, ги охрабрувам и мотивирам сите сограѓани, да ги поддржат протестите. Во моментов, тоа е единствениот начин да се спротивставиме на системот. Нека ова биде почеток на градење на силна, критичка, народна маса, која жестоко ќе се спротивставува на секоја неправда во иднина, нагласи Петров.

Пред Влада на Република Северна Македонија почна протестот за случајот со Клиниката за онкологија. Со барање „Правда за жртвите“, се очекува протестот да продолжи пред зградата на Основното јавно обвинителство во Скопје. 

Организаторите најавија дека ќе ги интензивираат протестите и повторија дека се бара судска разрешница за сите инволвирани во „скандалот со Клиниката на онкологија“, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

– Нема да има социјална правда дур не се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жрвите мора да има!, е пораката упатена од протестот.

Нагласуваат дека донесените измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку, како што истакнуваат, ние тоа не го дозволиме. 

-Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и поради тие причини протестите ќе ги интензивираме. Нашите барања и ултиматум од овој протест, се истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола, наведуваат организаторите.  

Наводи за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија предизвикаа реакции во јавноста, како и низа протести во главниот град на државата