Професорите од велешката Гимназија „Кочо Рацин“ револтирани од барањето на министерот да примат ученици кои имаат под 60 поени
Професорите од велешката Гимназија „Кочо Рацин“ се револтирани од дописот до нив од страна на министерот за образование, во новата учебна година да примат ученици во прва година, кои се под минимумот од 60 поени, што е услов за прием во гимназиите во земјава во учебната 2023/24 година.
Како што појасни за МИА професорот Марјан Стојановски, станува збор за 16 деветооделенци кои се пријавиле за упис во велешкта гимназија, а кои се под неопходниот минуму од 60 поени. Некои се со 59, а има и со 41 поен, за кои министерот се залага да бидат запишани во велешата гимназија. Професорите од велешката гимназија бараат од надлежните во нивната работа да не се меша политиката и да ги остават да ја работат и да ги образуваат учениците. Посебно и стрикно за сите гимназии во земјава да се почитуваат критериумите од конкурсот за упис, штио ги има издадено токму надлежното Министерство за образование и наука.
Професорот Стојановски од свое и од име на колегите им се извинува на родителите на овие деца и посочува дека не е ништо друго во прашање туку и единствено тоа што овие ученици се со помалку поени од неопходните 60 колку што се наведени во конкурсот.
-Секое дете има право на образование тоа е уставно загарантирано право, меѓутоа постојат правила, закони и критериуми. Според конкурсот за упис, во сите гимназии во земјава може да конкурираат ученици со минимум 60 поени. Во првиот уписен рок тоа во нашата Гимназија „Кочо Рацин“ се почитуваше, но во вториот уписен рок се пријавија ученици со помал број на поени. Добивме допис од министерот дека треба да ги примиме овие кандидати иако не ги исполнуваат условите по конкурсот за упис, појаснува професорот Стојановски.
Тој му посочува на министерот да ги смени условите за упис не само во велешката туку и во сите гимназии во земјава.
-Нека ги намали под 60 поени, па така и ние би можеле да ги примиме овие кандидати за наши ученици. Вака се додека не се сменети условите ние ќе направиме прекршок на законот односно на конкурсот каде стрикно е наведено дека кандидатот за упис во гимназија мора да има минимум 60 поени, посочува професорот Стојановски.
Воедно потенцира дека не е во ред министерот да бара упис на ученици со помалку од 60 поени само во гимназиите во Велес, Маврово Ростуше, Житоше и Долнени, а тоа да не важи за сите гимназии во земјава.
Тој и неговите колеги професори револтирано посочуваат дека со намалување на бројот на поени под минимумот, само се намалува угледот на велешката гимназија, која е прва на Балканот од далечната учебна 1857/58 година, и годинава одбележва 166 години постење. Таа е и една една од најуспешните во земјава чии ученици во сите генерации и сега се добитници на голем број први места во природните и општествените науки и спортови и на највисоки домашни и меѓународни награди и признанија.
-Ова што се прави е дискриминирачки кон останатите ученици. Која порака ќе ја испратиме кон учениците од основно образование „не учете, ќе бидете примени во гимназијата во Велес“, посочуваат револтирано професорите од велешката Гимназија „Кочо Рацин“.
Тие денеска за овој проблем разговараа и со градоначалникот Марко Колев кој ги подржал и им ветил дека ќе се заложи кај надлежното министерство за нивните барања и за почитување на критериумите за упис.