Путин: Русија покажа дека може да ги задоволи сите свои потреби

Русија му покажа на целиот свет дека е самодоволна во секој поглед, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

„Главната работа што си ја докажавме на себе и на целиот свет е дека Русија е самодоволна земја во секој поглед. Таа е силна, оди напред и гледа кон иднината со доверба. Ова е несомнено најважниот резултат од минатата година“, рече претседателот на средбата со локалното население.во најисточниот руски град Анадир.

Дури и водечките европски економии минуваат низ тешки времиња, рече рускиот лидер.

„Ние сме во подем, а тие во опаѓање. Тоа не не радува, но останува фактот дека тие се повеќе зависни од нас отколку ние од нив“, истакна Путин, пренесува ТАСС.

Путин денеска пристигна во главниот град на автономниот округ Чукотка – Анадир, што е прво патување на рускиот претседател во 2024 година.

Првата точка на дневниот ред беше посета на повеќекатниот комплекс на оранжерии на семејството Макатрови, каде зеленчукот се одгледува преку целата година во услови на вечен мраз.

Според прес-службата на Кремљ, Путин ќе разговара и со жителите на Чукотка и ќе оствари средба со гувернерот на регионот Владислав Кузњецов. Регионот Чукотка, кој целосно се наоѓа во арктичката зона, има проблеми со транспортната пристапност.

Поради суровата клима, асфалтираните патишта се достапни само во градовите и околните села.

Остатокот од територијата користи зимски патишта – неасфалтирани патишта кои се проодни само во зима по набиен снег.

Путин неколку пати претходно кажа дека не бил во Чукотка и дека сака да ја посети.

Тој во септември на состанокот за социо-економскиот развој на регионот укажа на потребата од подобрување на гостопримството – локалната природа привлекува туристи и покрај суровата клима.

Во 2008 година, Дмитриј Медведев, кој тогаш беше претседател, ја посети Чукотка.