ПУТИН СЕ СРЕТНА СО КИМ: Цврст стисок на рацете и насмевка, еве што му порача рускиот претседател на лидерот на Северна Кореја

Рускиот претседател Владимир Путин денеска се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун на космодромот Восточни во Амур , на Далечниот исток на Русија.

Руските медиуми објавија видео од Путин како го пречекува Ким на космодромот, опкружен со официјални лица и фотографи. Севернокорејскиот лидер до самиот космодром дојде со својот воз.

Ким му се заблагодари на Путин за поканата да ја посети Русија, „ и покрај тоа што е зафатен “, објави руската новинска агенција ТАСС.

„ Мило ми е што те видов . Ова е нашиот нов космодром“, рече Путин додека се ракуваше со Ким околу 40 секунди.

Според руските медиуми, Путин и Ким Џонг-ун ќе го посетат космодромот, а потоа ќе претседаваат со состанок на делегациите на двете земји.

Претходно, Дмитриј Песков, прес-секретар на рускиот претседател, изјави дека на разговорите меѓу двајцата лидери ќе се разговара за прашања за билатерална соработка, вклучувајќи ги економските врски и културната размена.

Според западните медиуми, можна причина за средбата се договорите за набавка на воена опрема.

– Присуството на Џо Чун Рионг укажува дека Северна Кореја и Русија ќе склучат некаков договор за купување на воена опрема – изјави Мајкл Маден, експерт за Северна Кореја во Стимсон центарот во Вашингтон.

И Москва и Пјонгјанг ги отфрлија претходните обвинувања на САД дека склучиле договори за оружје, но двете земји рекоа дека ќе ги зајакнат одбранбените врски.