Рама: КФОР мора да ја преземе контролата на северот на Косово за да се спречи конфликт

– Премиерот на Албанија, Еди Рама, денес го повика КФОР, меѓународните мировни сили предводени од НАТО, да ја преземат контролата на северот на Косово со цел да се спречи секој поголем конфликт што денес е поверојатен од кога било досега.

„За на кој било начин и со кои било средства да се спречи овој конфликт, кој денес изгледа поверојатен од кога било претходно, КФОР мора да ја преземе контролата на северот на Косово. Тоа е предлог што го давав и претходно на Самитот на НАТО и детално објаснив зошто. Секое двоумење сега и одложување , вклучително и аргументот ‘немаме доволно војници’, може да направи интервенцијата на КФОР утре да е многу поголема во однос на трупите, но и потешка“, рече Рама.

Тој истакна дека процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и изградбата на односите со Србија се стратегиски за неговата земја и за албанскиот народ.

Осврнувајќи се на убиството на косовскиот полицаец на 24 септември и тензиите на северот на Косово, Рама рече дека Србија „наместо да го истражи злосторничкиот настан што го предизвика српска криминална група, а не косовската полиција“, избрала да им оддаде почит на убиените напаѓачи и прогласи ден на жалост.

Во судирите меѓу полицијата на Косово и вооружена група во Бањска, Општина Звечан, во неделата загинаа полицаецот Африм Буњаку и тројца напаѓачи од српска националност.