По многу напорна сезона во која Реал Мадрид најверојатно нема да освои ниту еден трофеј, Карло Анчелоти донесе одлука да ја напушти клупата на шпанскиот гигант и да ја преземе функцијата селектор на Бразил. Славниот италијански стручњак ќе остане на клупата на Реал Мадрид во преостанатите пет натпревари од оваа сезона, по што ќе се збогува со стадионот „Сантијаго Бернабеу“ и со навивачите на кои им донесе бројни успеси низ годините.
Управниот одбор на Реал Мадрид, предводен од претседателот Флорентино Перез, одлучи да му ја плати на Анчелоти преостанатата година од неговиот договор. 65-годишникот ќе ги добие 11-те милиони евра што би ги заработил следната сезона, а клубот симболично му се заблагодарува за сè што постигнал во изминатите четири години, пишува списанието „Релево“.
Во тој период, Анчелоти освои вкупно 11 трофеи со мадридскиот клуб, а тимот одигра голем број историски значајни натпревари што дополнително го зацврстија неговиот статус во историјата на клубот. Иако се повлекува од тренерската позиција, Реал не сака да го изгуби контактот со Анчелоти. Клубот има намера да му ја додели почесната титула амбасадор, со постојан статус.
Бразил треба да му биде последната работа
На оваа улога, тој ќе има задачи поврзани со промоцијата на Реал, но ќе почне да ги извршува дури откако ќе одлучи да се повлече од активната тренерска работа. Според сите извештаи, ова нема да се случи веднаш. Се очекува Анчелоти да потпише петгодишен договор со Бразилската фудбалска конфедерација, што би можело да биде неговиот последен пост во кариерата.
Анчелоти наскоро ќе наполни 66 години, а улогата на тренер треба да претставува последен предизвик во неговата долгогодишна работа. Во текот на својата кариера, Анчелоти беше тренер на бројни клубови, меѓу кои Реџана, Парма, Јувентус, Милан, Челзи, ПСЖ, Баерн, Наполи, Евертон и двапати Реал Мадрид.
Тој зад себе има исклучително успешна тренерска кариера, со бројни освоени трофеи и без сомнение се смета за еден од најуспешните тренери во историјата на фудбалот.