Реџепи за МИА: Да инвестираме во обновливи извори на енергија и во регионална поврзаност за да постигнеме енергетска независност
Со инвестиции во фотоволтаици и во обновливи извори на енергија, како и со регионална поврзаност можеме да постигнеме енергетска независност, вели извршниот директор на „Номагас“ Бајрам Реџепи во разговор со дописничката на МИА од Атина и потенцира дека енергијата сѐ повеќе се употребува како многу силно геополитичко оружје.
Реџепи, кој учествуваше на осмиот Делфи Економски форум што се одржува во Грција, за МИА ја истакнува важноста на енергетската поврзаност меѓу земјите, говори за двата големи проекти со Грција, интерконекторот за природен гас и терминалот за течен природен гас во Александруполи, но и за евентуалните лекции што ги научивме од енергетската криза.
-За жал научивме дека енергијата сѐ повеќе се употребува како многу силно геополитичко оружје и ние ќе треба што поскоро да имаме потполна независност во енергетска смисла и тоа се постигнува. Најголемиот дел од инвестициите ќе треба да бидат во фотоволтаици, во обновливи извори, но секако дека ќе треба многу да инвестираме и во регионална поврзаност, бидејќи многу различни држави имаат различни извори на енергија, вели Реџепи.
Посочува дека со овие важни поврзувања ќе треба да се стабилизира целиот енергетски систем, како во регионална смисла, така и на ниво на Европа.
-Јас се надевам дека идните години ќе бидат многу важни за инвестиции во овој вид на поврзување меѓу државите и се надевам дека многу скоро ние ќе бидеме енергетски независни од тие геополитички настроени извори на снабдување, истакнува за МИА извршниот директор на „Номагас“.
Во однос на интерконекторот со Грција за кој веќе е завршен маркет тестингот, Реџепи објаснува дека од наша страна се обидуваме малку да ги забрзаме постапките кај нас.
-Во моментов имаме отворен повик и во фаза на евалуација сме на понудите за надзор. Се надевам дека следниве недели тоа ќе го затвориме, веќе го спремаме повикот за градба, го затворивме поголемиот дел од финансиската конструкција и се надевам дека во многу скоро време ќе го објавиме повикот за градба. Планираме некаде во третиот квартал од оваа година да започне градбата на терен за овој многу битен интерконектор за нашата држава, потенцира Реџепи.
Вториот голем проект во кој е вклучена и Северна Македонија е терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи, а извршниот директор на „Номагас“ објаснува дека ЕСМ има закупено десет проценти од капацитетите, во тек е потпишување на соодветните договори и се надева дека до крајот на годинава ќе се дефинираат и конкретните чекори за конечна реализација на проектот.
-Имавме малку дилеми и проблеми со нашите партнери од Бугарија за купувањето на нивниот дел. Ние работиме интензивно на дефинирање на роад мап и се надевам дека многу скоро ќе го потпишеме и тоа, бидејќи ќе ги дефинира идните правци на соработка меѓу нас и нив и многу сигурен сум дека до крајот на оваа година и тоа веќе ќе го имаме реализирано и конечно ќе станеме десет отсто од акционерите во овој многу важен терминал за течен гас во Александруполи, вели Реџепи за МИА.