Романија ќе инвестира рекордни 10 милијарди евра за модернизација на вооружувањето

Парламентот во Букурешт одобри проект за модернизација на вооружените сили на Романија вреден повеќе од 10 милијарди евра, а програмата предвидува набавка на системи за ПВО, оклопни возила, тенкови Абрамс, самоодни хаубици и оружје за воените авиони Ф-16. 

„Романија неодамна ја модернизира својата воздушна одбрана со купување на системот ‘Патриот’ со голем дострел и сега планира да купи 41 ракетен систем за ПВО со краток и многу краток дострел во вредност од 4,2 милијарди долари. Првата фаза започнува оваа година и во текот на следните осум години ќе бидат инвестирани 2,1 милијарда“, пишува порталот Балканска безбедносна мрежа, пренесе Бета. 

Значајна инвестиција е планирана за набавка на борбени возила на пешадија, а за овие потреби ќе се потрошат три милијарди евра за 298 возила. Во првата фаза, која ќе трае во наредните девет години, планирано е да се купат 246 возила за 2,5 милијарди евра.