Таравари: Станавме предмет на исмевање, не знаеме кој со кого работи

Арбен Таравари, претседател на партијата Алијанса за Албанците, која е дел од владејачката коалиција, за новоформираните три политички партии во албанскиот блок вели дека ни се смее цел свет, бидејќи не се нзае кој со кого соработува. Тој ова го изјави во емисија на ТВ 21.

Новоформираните партии се Демократското движење на Изет Меџити, Европската демократска партија на Арјанит Хоџа,  новата партија која синоќа ја најави пратеникот Скендер Реџепи.

„Не гледам сериозност. Станавме 10 партии, станавме предмет за исмевање во светот. Се поделивме, не знаеме кој со кого работи. Во моментов можам да набројам десет политички партии на Албанците во Македонија. Не велам дека не треба, 3-4 нека има, конкуренцијата е добра работа. Конкуренцијата носи квалитет. Дури и таму каде што има поддржувачи, може да се појави идеја, зошто да не“, изјави Арбен Таравари.

За обединувањето на албанските опозициски партии Беса, Алтернатива и Демократско движење, Таравари вели дека сите тие се производ на ДУИ бидејќи тројцата лидери некогаш биле дел од таа партија.

„Тие што сега се опозициски фронт, сите беа дел од ДУИ. Има незадоволни групи кои во различни периоди ја напуштија ДУИ. Тие се поранешни функционери на ДУИ. Земете по ред. Со Беса, со Алтернатива, сега и Изет Меџити. Сите тие се групи кои некогаш биле во ДУИ. Не беа задоволни и тоа е многу нормално. Се разделија, формираа партии, но менталитетот е на ДУИ“, посочи Арбен Таравари.