Русите објавија дека е оштетен Кримскиот мост: Се слушнале експлозии, има жртви (видео)

Сообраќајот на Кримскиот мост беше запрен рано утринава, а во првите извештаи беше наведено дека се слушнале експлозии и дека во инцидентот има загинати луѓе, јави Си-Ен-Ен.

Сергеј Аксјонов, гувернерот на Крим, не прецизираше за каков инцидент, но го потврди:

Безбедносните агенции и служби се на терен. Разговарав со министерот за транспорт на Руската Федерација Виталиј Савељев и се преземаат мерки за разрешување на ситуацијата – изјави Аксјонов, пренесува Си-Ен-Ен.

Тој апелираше до граѓаните кои имаат намера да патуваат до и од Крим да најдат алтернативен пат.

Украинската новинска агенција RBC јави дека на мостот се слушнале експлозии.

Во близина на мостот има голема гужва. Рускиот телеграмски канал ,,Греј зона”, кој е поврзан со групата Вагнер, објави дека мостот бил нападнат двапати во периодот по 3 часот по полноќ по локално време.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат сообраќаeн колапс на мостот, а на возачите им било наредено да ги свртат своите автомобили и да се вратат од каде што дошле.

На Телеграм се појавија тврдења дека „се слушнала експлозија“, а каналот „База“ објави дека има жртви.

Две лица загинаа на мостот на Крим

Две лица од Белгородската област во Русија, мајка и татко загинаа во „вонреден случај“ на мостот на Крим, а нивната ќерка е повредена, објави гувернерот на регионот на Телеграм.

„Утрото го започнавме со информации за вонредниот случај што се случи на мостот на Крим. Сите на интернет видовме видео од оштетен автомобил со белгородски регистарски таблички“, напишал Вјачеслав Гладков, пренесува РТС.

Руската новинска агенција Тасс објави дека едно дете е повредено во „вонреден инцидент“ на мостот на Крим. Се наведува дека детето ќе биде транспортирано во руската област Краснодар по воздушен пат.

Руското Министерство ја потврди штетата на Кримскиот мост

Руското Министерство за транспорт потврди дека има оштетувања на патот на кримската страна на мостот, пренесува Тасс. Нема потврден извештај дека потпорите стубови биле оштетени.

– Министерството соопшти дека во тек е увид на мостот, пренесува Тасс на својот канал Телеграм.