Русија воведе санкции за обвинителот кој сакаше да го уапси Путин: 54 лица се на црната листа (фото),

Министерството за надворешни работи на Руската Федерација воведе санкции против 54 државјани на Велика Британија, а меѓу нив е и Карим Ахмад Кан, обвинителот на Меѓународниот кривичен суд кој го издаде налогот за апсење на Владимир Путин.

„Како одговор на агресивното спроведување на непријателскиот антируски курс на Лондон, во кој механизмот на еднострани санкции активно се применува кон граѓаните на нашата земја и домашните деловни субјекти, беше донесена одлука за проширување на руската црна листа (список на персона нон грата на кои им е забранет влез во Русија), вклучително и претставници на политичкиот естаблишмент, органите на прогонот, професионалната правна заедница и новинарскиот корпус на Велика Британија, односно вкупно 54 лица“, соопшти Министерството.

На списокот се наоѓаат главниот обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал во Хаг, британскиот адвокат Карим Ахмад Кан кој учествувал во издавањето на налогот за апсење на руското раководство, државниот секретар за култура, медиуми и спорт Луси Фрејзер, како и некои медиумски куќи.

„Во контекст на немилосрдната воена поддршка на Лондон на неонацистичкиот режим во Киев, беше донесена одлука за воведување лични санкции против раководството на британската приватна воена разузнавачка компанија „Привил партнерс“, чии специјалисти се вклучени во собирањето и обезбедувањето на разузнавачки информации до украинските специјални служби“, додаваат од Министерството.

Тие посочуваат дека, според некои информации, претставници на оваа компанија неколкупати го посетиле Киев со цел да се договорат за подготовките за испраќање диверзантско-извидувачки групи во борбената зона.