Русија неутрализираше девет дронови кои се движеа кон Москва

Руските власти денеска соопштија дека армијата неутрализирала девет украински беспилотни летала кои биле лансирани кон Москва, неколку часа пред годишната прес-конференција на рускиот претседател Владимир Путин.

„Спречен е обид на режимот во Киев да изврши терористички напад со помош на беспилотни летала на руска територија“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Се додава дека „девет украински беспилотни летала се уништени или пресретнати“ над регионот Калушка, 160 километри од Москва.

Украинските сили денеска соопштија дека пресретнале 41 од вкупно 42 беспилотни летала лансирани од Русија кон Украина.

„Уништено е 41 беспилотно летало, од вкупно 42“, се вели во соопштението на украинското воздухопловство на Телеграм.

Руската армија истрела ракети С-300 и кон јужните региони Херсон и Миколаев, се додава во соопштението на украинските сили.