Русија оваа година се соочува со недостиг од околу 4,8 милиони работници; кризата ќе продолжи, предупредуваат руските експерти
Оваа година Русија се соочува со недостиг од околу 4,8 милиони работници, а акутниот проблем со работната сила ќе продолжи и во 2024 година, објави денеска рускиот весник „Известија“.
Весникот се повикува на експерти и истражувања на Економскиот институт при Руската академија на науките (РАН).
увернерката на Централната банка Елвира Набиулина минатиот месец изјави дека недостигот на работна сила во Русија доведува до акутен недостиг на работна сила и го загрозува економскиот раст бидејќи Москва ги префрла фискалните и физичките ресурси во војската.
Стотици илјади Руси ја напуштија земјата од почетокот на „специјалната воена операција“, како што Кремљ ја дефинира војната што ја води во Украина, во февруари 2022 година, вклучително и висококвалификувани специјалисти во областа на ИТ. Оние кои избегаа или не се согласуваа со војната или се плашеа да бидат повикани да се борат во неа. Одливот се интензивираше откако претседателот Владимир Путин, кој претходно овој месец се пофали со историски ниска стапка на невработеност од 2,9 отсто, најави делумна воена мобилизација на околу 300.000 нови регрути во септември 2022 година. Путин рече дека засега не гледа потреба од нов бран на мобилизација.
Според авторот на студијата, Николај Ахапкин, цитиран од „Известија“, недостигот на работна сила нагло се зголемил во 2022 и 2023 година, а особено се барани возачите и работниците во трговските објекти.
Официјалните податоци што ги цитира весникот покажаа дека бројот на слободни работни места од вкупната работна сила се искачи на 6,8 отсто во средината на 2023 година, во однос на 5,8 проценти една година порано.
„Ако ги прошириме податоците презентирани од Росстат (државниот завод за статистика) на работната сила како целина, може да се предвиди дека недостигот на работници во 2023 година ќе изнесува 4,8 милиони луѓе“, се наведува во студијата.
Според министерот за труд Антон Котјаков, акутен недостиг на работна сила се чувствува во производството, градежништвото и транспортот, што ги принудува компаниите да ги зголемат платите во обид да привлечат повеќе вработени, пишува „Известија“.