Русија: Приведен шефот на невладината организација „Голос“ која праќа набљудувачи на избори

– Во Русија денеска е приведен и сослушан шефот на голема невладина организација која се занимава со мониторинг на изборите. Руското правосудство го сомничи за вмешаност во активности на „непожелна организација“, изјави неговиот адвокат за Франс прес, пренесува БТА.

Григориј Мелкоњанц, копретседател на невладината организација „Голос“ („Глас“), која испраќа набљудувачи на избори и ги штити правата на гласачите, „денеска беше уапсен и испрашуван како осомничен“, изјави неговиот адвокат Михаил Бирјуков. 

Апсењето доаѓа само неколку недели пред регионалните и локалните избори во септември и помалку од една година пред претседателските избори во Русија во пролетта 2024 година, каде што се интензивираше гонењето на критичките гласови од почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 година.

Мелкоњанц „е осомничен како копретседател на движењето Голос дека е вклучен во активности на непожелна организација“ во Русија, посочи Бирјуков, прецизирајќи дека движењето е дел од европската мрежа на организации за набљудување на изборите.

Според адвокатот на Мелкоњанц, неговиот клиент „се уште не е обвинет“.

„Во моментов сме во рускиот истражен комитет и ја чекаме одлуката“ на истражителот, кој може или да го ослободи Григориј Мелкоњанц или да побара судот да донесе одлука за неговото евентуално испраќање во истражен притвор, додаде адвокатот.

Десетици организации во Русија се прогласени за „непожелни“ од судовите, што претставува закана за нивните соработници да бидат судски гонети.