Русија тврди дека во Украина има повеќе од 12 шпионски бази на ЦИА

– Русија тврди дека во Украина има повеќе бази на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) отколку што е претходно објавено во медиумите.

Коментирајќи ги извештаите на медиумите во интервју за рускиот ТВ-канал Перви, во кои се тврди дека ЦИА изградила 12 „тајни шпионски бази“ по должината на руската граница во Украина, кои се „нервниот центар“ на војската на Киев, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека тоа „не е тајна“.

„Сигурно не се 12 бази на ЦИА, туку многу повеќе. Тоа не е тајна и сите совршено го знаеме тоа. Ние сме непријатели за ЦИА… Ние за нив сме опоненти. Тие работат против нас“, рече тој.

Песков истакна дека руските разузнавачки служби ги преземаат неопходните контрадејства.

Шефот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников, пак, рече дека има многу бази на ЦИА во Украина, истакнувајќи дека се работи на ублажување на ризиците што произлегуваат од тоа.

„Њујорк тајмс“ во вторникот објави дека во текот на изминатите осум години ЦИА ги обучувала и опремила разузнавачите на Киев во подземни бункери, од кои некои се длабоко во шумите на Украина.