Русија тврди дека Франција може да испрати до 1.500 војници во Украина во април

– Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека Франција може да испрати до 1.500 војници во Украина во април.

Говорејќи на брифингот со новинарите во Москва, Захарова рече дека командниот штаб на француската легија на странци на почетокот на март формирал баталјонска тактичка група со намера да ја испрати во Украина.

„Постојано се појавуваат нови разузнавачки информации за активната подготовка на Париз на воен контингент за испраќање во Украина. За таа цел командата на француската легија на странци на почетокот на март одобри состав на баталјонска тактичка група од околу 1.500 луѓе. Се очекува оваа група да биде доведена во состојба на целосна борбена готовност за воздушен транспорт до Украина во април“, рече Захарова.

Францускиот претседател Емануел Макрон во февруари одби да ја исклучи можноста за испраќање западни трупи во Украина, идеја што сојузниците ја отфрлија.

Сергеј Наришкин, шеф на руската служба за надворешно разузнавање, тврди дека Франција почнала да подготвува околу 2.000 војници за распоредување, а дел од француската армија веќе се бори во Украина.