УАПСЕН СО ПОЛОВИНА ТОН КОКАИН – Граѓанин на Србија фатен на излез од Црна Гора со камион-цистерна

Српски државјанин е уапсен на граничниот премин Гоштун, на границата со Црна Гора, при што во камионот-цистерна што го управувал откриен е половина тон кокаин, објавија во четвртокот белградските и подгоричките медиуми, повикувајќи се на Агенцијата за национална безбедност на Црна Гора.

Српскиот државјанин Мирослав Ѓуриќ од Лозница, кој има регистрирана фирма во Даниловград, со цистерна превезувал околу 500 килограми кокаин, кој бил откриен кога ја напуштил Црна Гора.

Црногорската агенција во соработка со колегите во Србија ја проверува фирмата „Ројал шпед“, на која е регистриран камионот во кој бил пронајден товар со милионски суми кокаин, објавија тамошните медиуми.

Во моментов во тек се оперативни проверки и одземена е цистерната за прецизно мерење на товарот.

Според тврдењата на неименуваниот соговорник за тамошните медиуми, камионот влегол во Црна Гора на 4. март кога испорачувал гас за компанијата Петрол.

Во регистарот на Стопанскиот суд, фирмата „Ројал шпед“ е основана на 02.06.2021 година за товарен патен превоз, со вкупен капитал од едно евро, а сопственик и основач е српскиот државјанин Мирослав Ѓуриќ, со престој во Даниловград.

Компанијата лани имала мал промет, судејќи според финансискиот извештај доставен до Управата за приходи и Царина.

Властите во соседна Србија се уште немаат коментар за овој настан.