Руско МНР: НАТО стана фактор на ескалација на Косово

„Тие (КФОР) не само што го покажаа својот недостаток на професионализам, туку станаа извор на непотребно насилство и фактор на ескалација“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вчера ги критикуваше силите на НАТО на Косово (КФОР) нарекувајќи ги „фактор на ескалација“ во неодамнешните судири во Косово, пренесува Анадолу.

Во соопштението на веб-страницата на Министерството, Захарова рече дека кризата во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ може да се реши преку изнаоѓање компромис, но „се покажа дека е премногу тешка за мисијата на КФОР“.

„Тие (КФОР) не само што го покажаа својот недостаток на професионализам, туку станаа извор на непотребно насилство и фактор на ескалација“, нагласи таа.

Захарова рече дека Западот демонстрирал „селективен став кон одредбите на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“, од кои само военото присуство во покраината е „сфатено сериозно“.

Таа повика на поништување на „лажните“ општински избори одржани на 23 април и да се престане со провоцирање на Србија, која ја стави својата армија во целосна борбена готовност.

Портпаролката изјави дека ако Соединетите Американски Држави и Европската Унија сакаат да го пронајдат „виновникот“, мора „да се погледнат во огледало“.

„Потребни се решителни чекори за деескалација, наместо полумерки како американската идеја за привремено преселување на новоименуваните градоначалници од општинските згради и нивно преместување во други објекти“, рече таа.

Захарова како „задача број еден“ го наведе формирањето на Заедницата на српските општини во покраината во нејзината оригинална форма, како што беше предвидено во договорите меѓу Белград и Приштина под гаранциите на Брисел пред 10 години.

„Ова е клучен услов за дијалог, кој е единствената шанса да се обезбеди стабилност и безбедност во регионот“, рече таа.

Тензии го зафатија Косово откако демонстрантите и безбедносните сили се судрија во северните општини во кои доминира српското население поради изборот на градоначалници етнички Албанци.

Единаесет италијански и 19 унгарски војници на КФОР се здобија со повреди, вклучително и со скршеници и изгореници, од импровизирани експлозивни запаливи направи.

Над 53 цивили се повредени од шок-бомби и солзавец, според болнички извори.