САД започнаа истрага за чет-ботовите со ВИ за потенцијално негативните ефекти врз децата

Федералната трговска комисија на САД (ФТЦ) започна истрага за седум компании што обезбедуваат чет-ботови со вештачка интелигенција, вклучително и Гугл Џемини, ЧетГПТ и Грок.

Агенцијата бара информации за тоа како фирмите ги мерат, тестираат и следат потенцијално негативните ефекти од технологијата врз децата и тинејџерите.

Чет-ботовите со вештачка интелигенција може да користат генеративна технологија со вештачка интелигенција за да симулираат комуникација слична на човекот и меѓучовечки односи со корисниците, се вели во соопштението.

Истрагата ги вклучува Aлфабет- сопственикот на Гугл и Џемини, OпенAИ – сопственикот на ЧетГПТ, X – сопственикот на Грок, Мета, Инстаграм, Снепчет и Карактер Технолоџис.

„Чет-ботовите со вештачка интелигенција можат ефикасно да имитираат човечки карактеристики, емоции и намери и генерално се дизајнирани да комуницираат како пријател или доверлив човек, што може да поттикне некои корисници, особено децата и тинејџерите, да веруваат и да формираат односи со чет-ботовите“, се вели во соопштението.

Истрагата сака да дознае какви чекори, доколку ги има, презеле компаниите за да ја проценат безбедноста на своите чет-ботови кога дејствуваат како придружници, за да ја ограничат употребата на производите од страна на децата и тинејџерите и потенцијалните негативни ефекти врз нив, како и да ги известат корисниците и родителите за ризиците поврзани со производите.