САД и Велика Британија бараат итно намалување на тензиите на Косово и пуштање на уапсените полицајци
– САД и Велика Британија бараат итни чекори за деескалација на состојбата на северно Косово и ослободување на трите уапсени косовски полицајци, јави дописникот на МИА од Белград.
– САД очекуваат Приштина и Белград да преземат итни чекори за деескалација на тензиите и да го следат планот од три точки претставен од Европска Унија, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Според него, како дел од ова, Приштина мора да обезбеди градоначалниците Албанци да ги извршуваат своите преодни должности од алтернативни локации, како и да ги повлече полициските сили од северот.
Стејт департментот очекува и „безусловно ослободување на тројцата косовски полицајци уапсени од Србија“.
– Сметаме дека и Косово и Србија мора да го следат планот од три точки претставен од ЕУ, рече Милер.
И Владата на Велика Британија денеска, ги повика Белград и Приштина да преземат итни мерки за намалување на тензиите и истакна дека очекува двете страни итно да се вклучат во дијалогот што се води од страна на ЕУ и без натамошно одлагање да започнат со работа на формирање на Заедницата српски општини.
– Ги повикуваме Косово и Србија да покажат максимална воздржаност, да избегнуваат еднострани мерки и да преземат итни мерки за намалување на тензиите, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на британската Влада.
Лондон ги повика премиерот Албин Курти и Владата во Приштина да се погрижат новоизбраните албански градоначалници да ги извршуваат своите преодни должности од алтернативни локации надвор од општинските згради и специјалните полициски единици да бидат повлечени од тие згради, како и да распише што поскоро „нови, инклузивни избори“.
Британската Влада истакна дека очекува и ги охрабрува Србите на Косово да учествуваат на тие избори.
Во исто време, таа повика на итно ослободување на тројцата косовски специјалци, кои беа уапсени на 14 јуни.
– Очекуваме Косово и Србија веднаш да се вклучат во Дијалогот што се води со посредство на ЕУ, а особено да започнат со работа без натамошно одлагање на формирањето на Заедницата на српските општини, порача британската Влада.