Во Брисел денеска ќе се одржи самит Европска Унија – Западен Балкан со фокус на натамошното зближување на двете страни, како и одредени спорни прашања.
Советот на ЕУ вчера објави дека главни теми на разговор ќе бидат продлабочувањето на политичкиот ангажман со Западен Балкан, приближувањето на партнерите од тој регион до Унијата и подобрувањето на нејзината постепена интеграција, градењето економски основи за иднината и ублажувањето на влијанието на Руската агресивна војна против Украина, како и зајакнување на безбедноста.
Самитот, што се одржува во пресрет на дводневниот состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел, е можност да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата, како и потребата за одржливи и неповратни реформски достигнувања на шесторката од Западен Балкан, засновани на вредностите и принципите на Унијата, соопшти Советот на ЕУ.
Заедно со лидерите на ЕУ и нејзините 27 земји-членки, премиерите на Северна Македонија, Србија и Албанија, Ана Брнабиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателите на Црна Гора и Косово, Јаков Милатовиќ и Вјоса Османи и претседавачот со претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ ќе учествуваат на самитот.
На крајот на самитот се очекува лидерите да усвојат заедничка декларација со која треба да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и посветеноста на земјите од регионот на реформите и вредностите на Европската унија.
„ЕУ ги пофалува партнерите од Западен Балкан кои веќе покажуваат стратешка посветеност со целосно усогласување со нејзината надворешна и безбедносна политика и ги охрабрува оние кои не го сториле тоа да го следат нивниот пример“, се вели во нацрт-декларацијата, пишува порталот Политико.
Субјектите од Западен Балкан, додава Политико, исто така се повикани да ја зајакнат кибер безбедноста, меѓу другото со обезбедување на безбедно распоредување на 5G мрежите, истовремено исклучувајќи или ограничувајќи ја употребата на опрема од кинеските компании Huawei и ZTE.
Самитот ќе биде можност да се разговара за координирани активности поврзани со безбедносните прашања, кои станаа уште порелевантни во контекст на руската агресија врз Украина, која вклучува борба против манипулациите со информации и зајакнување на колективната кибер безбедност, соопшти Советот на ЕУ.
Претходниот самит на лидерите на ЕУ и Западен Балкан се одржа во Тирана во декември 2022 година. Тоа беше првиот самит ЕУ-Западен Балкан одржан во тој регион.