Самит за Украина и средба на лидерите од Западен Балкан оваа недела во Тирана

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела во Тирана ќе учествува на самитот Украина-Југоисточна Европа, на кој е најавено учество на 13 европски лидери, вклучително и шестмината од Западен Балкан, како и претставник на ЕУ.

Како што пренесуваат албанските медиуми, Самитот за Украина ќе се одржи в среда на 28 февруари во Конгресната палата во Тирана, а на учесниците преку видео врска ќе им се обрати претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.

Следниот ден, на 29 февруари, Тирана ќе биде домаќин на Самит на лидерите на Западен Балкан на кој ќе се разговара за европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан. Свое учество на состанокот најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Планот за раст за Западен Балкан предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми дадени од ЕУ, а целта е да се стимулира економскиот раст на регионот и да се забрза социоекономско усогласување.

Планот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја од шесте влади од Западен Балкан да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги спроведувала во тој период.