Самит на Берлинскиот процес во Тирана: “Економската соработка на Западен Балкан ќе ја забрза ЕУ интеграцијата“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана порача дека вратите на Европската унија се отворени за тие кои сакаат да одат напред. Таа потенцираше дека една од главните теми на Самитот ќе биде економијата на Западен Балкан, потсетувајќи на нејзиниот план за раст презентиран во мај 2023 година.

Ова е многу посебен самит денес. Станува збор за 10-ти Самит на Берлинскиот процес, но за прв пат во Западен Балкан. Една од главните теми ќе биде економијата на Западниот Балкан. Затоа го претставив мојот план за раст. Сакаме да им дадеме пристап на единствениот европски пазар, пристап на компаниите од Западен Балкан на заедничкиот европски пазар, но за тоа се потребни реформи во земјите од Западен Балкан. Тоа е охрабрување за оние кои навистина сакаат да одат напред, сакаат да ја унапредат економијата. Нашите врати се отворени и ајде да работиме денес на овој план за раст“, изјави за медиумите Урсула фон дер Лајен, јави известувачот на МИА од Тирана.

Урсула фон дер Лајен во обраќањето на работните сесии рече дека сакаат да ги отворат европските врати во специфични области од пазарот за Западен Балкан и тоа треба да се направи сега.

Отворањето на вратите не е доволно. Земјите од Западен Балкан исто мораат да го комплетираат нивниот регионален заеднички пазар, а тоа подразбира е услов земјите од Западен Балкан да дадат пристап на своите соседи на нивните пазари. Со други зборови ако има блокади, се блокирате самите, другите ќе продолжат понатаму“, кажа претседателката на Европската комисија.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кажа дека патувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ е споро, што е разочарувачки и за земјите, но и за ЕУ.

Сега сите знаеме дека е време да испорачате, а ние да го исполниме нашето ветување. Знаете дека треба посветеност почнувајќи со реформите, а ние во ЕУ да се подготвиме за нови членки. Мора да бидеме подготвени до 2030 година за проширување“, вели Шарл Мишел.

Германскиот канцелар Олаф Шолц кажа дека секој напредок што ќе го направат земјите на заедничкиот регионален пазар значително ќе го донесе блиску до ЕУ.