Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија денеска предупреди на „исклучително опасни последици“ од нападот на Израел врз градот Рафах, каде засолниште најдоа над еден милион Палестинци, присилно раселени од другите области на Појасот Газа.
Саудиското МНР на социјалната мрежа Х (Твитер) објави дека категорично ги отфрла и остро ги осудува присилните депортации на Палестинците и го повтори барањето за итен прекин на огнот.
„Ова континуирано кршење на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право ја потврдува потребата од итно свикување на Советот за безбедност на ОН за да се спречи Израел директно да предизвика хуманитарна катастрофа, за која одговорност сноси секој кој поддржува агресија“, соопшти саудиското МНР.