“САУДИСКА АРАБИЈА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ТРОШИ ПАРИ!“ – Милијардерите најавуваат дека нема да застанат додека не го променат фудбалот во целиот свет – дали ова е почеток на крај за европскиот фудбал !?
Фудбалската лига на Саудиска Арабија е „решена да биде успешна“ и „ќе продолжи да троши пари“ за да привлече некои од најголемите фудбалери, потврди еден од главните луѓе на лигата, Британецот Питер Хатон.
„Мислам дека буџетите се поставени на врвно ниво веќе неколку години и не гледам дека се намалуваат. Во спортот сум 40 години и никогаш не сум видел ваков голем проект и толку решен да биде успешен“, рекол Питер Хатон, поранешен директор на EuroSport, а сега член на управниот одбор на саудиската про-лига.
Клубовите во оваа земја богата со нафта неодамна привлекоа неколку светски фудбалски ѕвезди – Карим Бензема, Н’Голо Канте, Ријад Махрез, Џордан Хендерсон и Садио Мане тргнаа по стапките на Кристијано Роналдо кој пристигна во земјата кон крајот на декември минатата година.
Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека саудиската лига целосно го променила пазарот, а неговиот колега од Ливерпул, Јирген Клоп стравува дека доцното затворање на преодниот рок во Саудиска Арабија, три недели по повеќето европски лиги, може да има штетно влијание врз клубовите ширум Стариот континент.
Питер Хатон возврати дека „не е нужно лошо“ ако европскиот фудбал изгуби дел од својата моќ.
„Тоа не мора да значи дека Европа нема да биде толку силна во фудбалот во иднина. Тоа не е нужно лошо. Добро е што фудбалот има сила низ целиот свет“, вели Питер Хатон, кој е убеден и дека ќе следи комерцијален успех.
„Кога Кристијано Роналдо потпиша за Ал Наср, одеднаш добивме интерес од радиодифузери во повеќе од 170 земји“, објаснува Питер Хатон.