Саудијците му понудиле 270 милиони, а Салах на агентот му кажал само една реченица!

Мохамед Салах е еден од низата фудбалери кои летово добија понуда кариерата да ја продолжат во Саудиска Арабија, а на Египќанецот му беа понудени сериозни пари за реализација на трансферот. Сепак, она што го кажа Салах на својот агент го зацементира неговиот статус на легенда на „Енфилд“.

Саудиска Арабија летово неочекувано е главна дестинација на многу фудбалери од Европа, а она што најмногу изненадува е тоа што многумина од нив решиле да заминат во таа земја, иако се во најдобрите играчки години. Секако, главната причина за многумина се парите, бидејќи тоа што го нудат клубовите од Саудиска Арабија е навистина тешко да се одбие, а некои од нив и јавно го признаа тоа.

Сепак, и покрај тоа што се работи за нереални бројки, има фудбалери кои на прво место ги ставаат успесите и трофеите во Европа, а еден од нив е и Мохамед Салах.

Претходните денови на големо се пишуваше за тоа дека Салах на маса има неверојатна понуда од Ал-Итихад, кој претходно успеа да ги доведе Карим Бензема, Н’Голо Канте и Фабињо. Како што пишуваат англиските медиуми, Ал-Итихад на Салах му понудил тригодишен договор и неверојатна заработка до деведесет милиони евра по сезона и биле сигурни дека ќе прифати, но погрешиле.

Салах преку својот агент јасно стави до знаење дека не сака да го напушти „Енфилд“ и дека сигурно ќе игра во дресот на „црвените“ и во следната сезона. Иако агентот беше за заминување во Саудиска Арабија, на крајот Салах му кажа дека нема ништо од тоа, што Реми Абас јавно го призна.

„Тој ми рече дека нема да ја прифати понудата. Тоа го објасни на едноставен начин, велејќи дека ако размислувал да го напушти Ливерпул ова лето, тогаш сигурно немаше да го продолжи договорот со нив минатата година. Мохамед останува верен на Ливерпул“, рече Абас.

Ваквиот потег на Салах ги одушеви навивачите на Ливерпул кои се свесни дека со неговото заминување би го загубиле својот најдобар играч.