СБ на ОН ја осуда легализацијата на еврејските населби на окупираните територии

– Советот за безбедност на ОН денеска ја осуди легализацијата на девет еврејски населби на окупираниот Западен Брег, оценувајќи дека населбите се пречка за мирот.

Осудата беше поддржана од сите 15 членки на Советот за безбедност на ОН, бидејќи, соопштија оттаму, континуираното проширување на еврејските населби ја загрозува одржливоста на решението со две држави за конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

Советот за безбедност на ОН „силно се спротивставува на сите еднострани чекори кои го нарушуваат мирот, вклучително, меѓу другото, изградба и проширување на еврејските населби, конфискација на палестинската земја и легализација на населбите, уривање на палестинските куќи и раселување на палестински цивили“, се додава во соопштението.

Освен тоа СБ на ОН „изразува длабока загриженост и вознемиреност“ поради најавата на Израел дека ќе легализира девет нови населби и ќе изгради нови станови во постоечките населби.

По таа објава на израелскиот безбедносен кабинет на 12 февруари, Обединетите Арапски Емирати споделија со членовите на Советот за безбедност нацрт-резолуција со која се осудуваат сите обиди за анексија, вклучително и израелските одлуки и мерки поврзани со населбите, и се повикува на нивно итно повлекување.

Нацртот, исто така, бараше Израел „веднаш и целосно да ги прекине активностите за населување на окупираните територии, вклучувајќи го и Источен Ерусалим“. САД, кои имаат право на вето во СБ на ОН, не се согласија со резолуцијата.

Стејт департментот затоа го осуди нацртот документот, оценувајќи дека тој нема да придонесе за поддршката неопходна за преговорите за решение на конфликтот.

Вашингтон, меѓутоа, во исто време ја осуди најавата на Израел за легализација на девет населби.

Нацрт-резолуцијата беше повлечена по разговорите меѓу Палестинците и Американците, изјави дипломатски извор, цитиран од француските медиуми.

Запрашан дали е разочаран од деградацијата на можната резолуција палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур истакна дека е важно Советот да има единствен став.